ДОБРИ ПОЛУГОДИШНИ РЕЗУЛТАТИ НА ГРУПАЦИЈАТА ТРИГЛАВ

ДОБРИ ПОЛУГОДИШНИ РЕЗУЛТАТИ НА ГРУПАЦИЈАТА ТРИГЛАВ

18. 8. 2021

На крајот на првата половина од годината Триглав ја потврдува прогнозата на планираната годишна добивка 

 

Групацијата Триглав во првото полугодие пресмета 9% повисока консолидирана бруто премија од осигурување (731,1 милиони евра) во споредба со истиот период минатата година и оствари раст на премија на сите пазари и во сите три сегменти на осигурување. Во споредба со крајот на 2020 година, во делот на управување со средства на клиентите во инвестициски фондови и преку индивидуално управување, го зголеми обемот на средства со коишто управува за 20 проценти (на 1,392 милини евра). Полугодишната добивка пред оданочување на групацијата изнесува 56,2 милиони евра и е за 39 проценти повисока во однос на првата половина од минатата година  и за 35 проценти повисока во споредба со првата половина од 2019 година (годината пред пандемијата со Ковид 19). Имајќи ги во вид предвидените услови за работа, групацијата проценува дека до крајот на годината ќе ја оствари годишната добивка во планираниот обем. Компаниите на Групацијата Триглав на македонскиот пазар во првата половина од 2021 година работеа на збогатување на својата понуда и на унапредување на искуството на клиентите и нивното задоволството со услугите.

 

Профитабилно работење. Групацијата Триглав во првата половина од годината оствари 56,2 милиони евра консолидирана добивка пред оданочување, која што е за 39 проценти повисока во однос на првата половина од минатата година и за 35 проценти повисока од резултатот во првата половина од 2019 година (пред пандемијата со Ковид 19). Добивката од имотните осигурување се зголеми за 23 проценти, на 42,6 милиони евра, добивката од животното и пензиското осигурување изнесуваше 5,0 милиони евра, додека добивката од здравствените осигурувања изнесуваше 5,2 милиони евра. Добивката од другите друштва во групацијата, коишто не работат во осигурителната индустрија, достигна 3,5 милиони евра.

 

Претседателот на Управата на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар изјави: “Во Групацијата сме фокусирани на нашите поставени стратешки определби и како тим со над 5.300 вработени цврсто сме посветени на нашата ориентација на одржлив развој. Задоволни сме со постигнатото во првата половина од годината. Осигурително-техничките резултати се многу добри, а работењето во доменот на управување со средствата на клиентите е успешно. Очекуваме дека резултатите од принос на финансиските вложувања ќе бидат намалени поради состојбата на каматните стапки. Врз основа на досегашното работење, земајќи ги предвид планираните услови до крајот на годината, проценуваме  дека ќе ја оствариме годишната добивка во планираниот обем помеѓу 85 и 95 милиони евра.”

 

Осигурително-технички дел од работењето. Покрај дисциплинираното преземање ризици во осигурувањето, Групацијата Триглав пресмета дури 9 проценти повисока консолидирана бруто премија во однос на првата половина од минатата година (731,1 милиони евра). Раст на премија постигнат е на сите пазари и во сите три сегменти на осигурување. Во Словенија растот изнесуваше 7 проценти, што е за 4 процентни поени повеќе од растот на пазарот, а на пазарите вон Словенија беше постигнат раст од 16 проценти. Во споредба со првата половина од минатата година, премијата од имотните осигурувања оваа година бележи раст од 10 проценти, премијата од животните и пензиските осигурувања 9 проценти, додека премијата од здравственото осигурување 1 процент.

 

Настанатите штети изнесуваа 347,6 милиони евра бруто, што е за 5 проценти повисоко во споредба со истиот период минатата година и за 4 проценти повисоко во споредба со 2019 година. Нивниот раст е резултат на растот на портфолиото во сите подрачја на осигурување во последните години и исплатите на штети, за кои што Групацијата Триглав веќе имаше соодветни резервации при крај на минатата година (воглавно земјотресот во Хрватска). Настаните на масовни отштетни барања беа присутни и во вториот квартал, со проценета вредност од 6 милиони евра. Комбинираниот количник од имотните и здравствените осигурувања на Групацијата Триглав изнесуваше поволни 89,6 проценти, што е резултат на подобрениот количник на штети. Групацијата имаше 6 проценти повисоки осигурително-технички резерви (3.221,3 милиони евра) во првата половина од оваа година во споредба со крајот на 2020 година.

 

Претседателот на Управата на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар објасни: „Кога креираме осигурително-технички резерви, со соодветна претпазливост ја земаме во предвид очекуваната состојба. Во првата половина од оваа година, и покрај растот на бруто побарувањата на отштетните барања,  приметивме намалена фреквенција на отштетни барања кај одредени видови на осигурување, поради повремените ограничувања поврзани со пандемијата со Ковид 19. Очекуваме потполна нормализација на деловното опкружување, така што на некои места, на пример во здравственото и автомобилското осигурување, формиравме дополнителни резервации, додека кај животните осигурувања формиравме резервации пониски, споредено со првата половина од минатата година“

 

Инвестициско портфолио и раст на средствата под управување. И оваа година ниските каматни стапки влијаат на приносите на обемното инвестициско портфолио на Групацијата, коешто изнесува 3,557,6 милиони евра, каде што вложувањата во обврзници претставуваат мнозинство од инвестициите (71 процент). Групацијата не направи позначајни промени во вложувањата и составот на целото портфолио. Оваа година ситуацијата на пазарите на капитал и нето приливите позитивно влијаеа на управувањето со средствата на клиентите во инвестициски фондови и преку индивидуално управување, што Групацијата го изведува преку друштвото Триглав Склади. Средствата достигнаа вредност од 1.392 милиони евра, што е 20 проценти повеќе во споредба со крајот на 2020 година.

 

Одржлив аспект на работењето. Групацијата ја следи прифатената заложба за одржливост  (ESG), која ја изразува насоката на развој и интеграцијата на аспектот на одржливост во нејзиниот деловен модел. Следењето на одржливите ризици и можности е вклучено во управувањето со средства и во опсегот на осигурително-инвестициски производи и услуги; дополнително, уделот на одржливи инвестициски класи се зголемува во согласност со целта на Европскиот зелен договор (European Green Deal) за постигнување климатски неутрална Европа. Во доменот на осигурување, Групацијата обезбедува производи дизајнирани за активно управување со ризиците поврзани со климатските промени, поефикасно користење на енергијата и нејзино производство од обновливи извори, како и одржлива мобилност.

 

Групација Триглав на македонскиот пазар

Групацијата Триглав во првата половина од 2021 година работеше на остварување на дефинираните проекти и активности, со цел успешно реализирање на зацртаните стратешки насоки. Сите три компании на македонскиот пазар работеа на збогатување на својата понуда и унапредување на искуството на клиентите и нивното задоволството со услугите.

 

Во дадениот период, во доменот на неживотно и животно осигурување, групацијата обезбеди вкупна бруто полисирана премија од 13,1 милиони евра, што е за 10 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година.

 

Триглав Осигурување во првата половина од 2021 година ја задржа својата лидерска позиција на пазарот на неживотни осигурувања во земјата, обезбедувајќи бруто полисирана премија од 11,9 милиони евра и раст од 4 проценти во однос на истиот период минатата година. Компанијата активно работеше на воведување на новини, коишто се актуелни и одговараат на потребите на пазарот. „Во првата половина од оваа година воведовме новини во доменот на здравственото осигурување, коишто овозможуваат достапност на овие услуги на широката јавност, а континуирано работиме  и на специјализирани и консолидирани понуди во сите домени на осигурувањето, вклучувајќи ги имотното, животното, здравственото и пензиското осигурување. Имајќи го предвид растечкиот тренд на директна и персонализирана комуникација со клиентите, којшто обезбедува задоволување на специфичните потреби и комуникациски навики и преференции на различни профили на клиенти, воведовме центар за грижа за клиенти, којшто овозможува лесен пристап до информации на потенцијалните клиенти и брзо и лесно решавање на проблемите и потребите на постоечките клиенти. Во суштина, градиме партнерски однос на доверба со клиентите и сите наши активности се резултат на тој фокус“, изјави во оваа прилика Главниот извршен директор на Триглав Осигурување, г. Ѓорѓе Војновиќ.

 

Триглав Осигурување Живот ја задржа динамиката на троцифрен раст на премија на животното осигурување во второто тромесечје на 2021 година, заокружувајќи ја првата половина од оваа година со највисок апсолутен раст на премија на животно осигурување на македонскиот пазар. Компанијата, која го удвои и својот удел на пазарот на животното осигурување е насочена кон јакнење на банкарското осигурување, збогатување на портфолиото на производи, како и на јакнење на интерната продажна мрежа во насока на динамичен раст и стабилен развој во наредниот период.

 

Во вториот квартал, Триглав пензиско друштво го продолжи растечкиот тренд на развој и ја презеде својата улога на атрактивен избор за капитално финансирано пензиско осигурување на македонскиот пазар. На почетокот од оваа година друштвото започна со управување и со пензиски заштеди на членовите од доброволниот пензиски фонд. Зголемувањето на нето вредноста на средствата со коишто се управува во отворениот задолжителен фонд  за 12,8 милиони евра се должи на растот на уплатени придонеси, новите клиенти, кои се резултат на зголемувањето на укажаната доверба на осигурениците и постигнатите резултати од вложувањата. Компанијата продолжува активно да работи на промоција и едукација за предностите на доброволниот пензиски фонд на Триглав, градејќи стабилно портфолио за посигурна финансиска иднина на своите членови.


Complementary Content
${loading}